Работна средба
05.01.2016 Државната комисија за спречување на корупцијата одржа работна средба со претставници од Министерството за образование и наука на тема воспоставување на соработка за реализација на проектот „Антикорупциска едукација на учениците од средните училишта“.
На средбата присуствуваа Претседателот на ДКСК г-дин Горан Миленков, членовите на ДКСК и Државниот советник во Министерството за образование и наука г-дин Сафет Незири со претставник од Министерството.
На средбата беше презентиран Проектот за воведување на антикорупциски програми во образовниот систем, кој има за цел изработка и спроведување на антикорупциска програма за едукација на учениците во средните училишта, најнапред како вон редовна настава во средното образование, а потоа и во редовна настава, како фундаментален чекор кон градење на активно граѓанство меѓу младите луѓе.
Важноста од воведувањето на антикорупциски содржини во средното образование е детектирано како потреба и во Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и превенција и намалување на појават ана судир на интереси 2016-2019 година, во Област 4.4. Значење на образовниот процес во борбата против корупцијата, Активност: воведување на пилот-проект за антикорупциска едукација на учениците во средно образование како дел од вон наставни активности, усвоена во декември 2015 година.
Претставниците на Министерството за образование и наука ја потврдија веќе воспоставената долгогодишна соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата и притоа дадоа позитивно мислење и согласност за спроведување на проектот „Антикорупциска едукација на учениците од средните училишта“.
Носител на проектот ќе биде Државната комисија за спречување на корупцијата во партнерство со Министерството за образование и наука.
Подготовките за реализација на проектот „Антикорупциска едукација на учениците од средните училишта“ ќе започнат веднаш се со цел негово стартување во учебната 2016-2017 година.
Обука за наставниците во рамките на проектот
24.10.2012 Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со Центарот за граѓански комуникации, Бирото за развој на образование и Министерството за образование и наука, го спроведува проектот „Антикорупциска едукација на учениците од основните училишта“. Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Република Македонија.
Во насока на преземање конкретни чекори за реализација на активноста посветена на антикорупциска едукација на наставниците по предметот граѓанско образование, а со цел ефикасно спроведување на „Програмата за антикорупциска едукација на учениците од основните училишта“, Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со надворешните соработници – експерти ангажирани за реализација на проектот, на 20.10.2012 година реализираше обука за наставниците кои изведуваат настава по предметот граѓанско образование во четирите основни училиштата опфатени со проектот-„Димитар Миладинов“ и „Јан Амос Коменски“ од Скопје, „Гоце Делчев“ од Гостивар и „Ванчо Прке“ од Штип.
Обуката беше со цел да им помогне на наставниците за поуспешна реализација на наставата и предавањата со антикорупциски содржини утврдени во едукативниот дел на Програмата за антикорупциска едукација на учениците од основните училишта, а воедно да им овозможи да се запознаат како практично ќе се спроведуваат часовите преку активностите и методите утврдени во Прирачникот за спроведување на Програмата, за наставниците кои изведуваат настава по граѓанска култура.